Thursday, July 8, 2010

Си играш секој ден...



СИ ИГРАШ СЕКОЈ ДЕН


Си играш секој ден со светлината на вселената.
Нежна гостинко, стасуваш низ цветот и водата.
И не си само таа бела глава што ја стегам
како грозд секој ден меѓу моите раце.

И на никој не прилегаш откога те сакам.
Допушти да те постелам меѓу жолтите венци.
Кој го запишал твоето име со букви од чад меѓу јужните ѕвезди?
Пушти ме да се сетам што си била кога уште не постоеше.

Изненаден ветар завива и чука на мојот затворен прозорец.
Небото е собрана мрежа со сенести риби.
Тука доаѓаат сите ветрови, сите.
Дождот се соблекува.

Птиците минуваат, бегајќи.
Ветар. Ветар.
Можам да се борам сам против силата на луѓето.
Луњата ги вее темните лисја
и ги одврзува ноќва сите чунови врзани за небото.

Ти си тука. Ох, не заминувај.
Ќе ми одговориш до последниот крик.
Свиткана до мене како да се плашиш.
Видливо е дека една чудна сенка понекогаш претрчува врз твоите очи.

Сега, сега исто така, малечка, ти ми ги носиш орловите нокти
и градите ти се мирисни како и тие.
Додека тажниот ветар лета убивајќи ги пеперугите
јас те сакам и мојата радост ја гризе твојата уста што е како слива.

Колку беше болно да те свикнам на мене,
на мојата душа осамена и дива, на моето име што сите го гонат.
Гледавме често како гори ѕвездата бакнувајќи си ги очите
и под нашите глави како се шири самракот како ладало што мавта.

Моите зборови врнеа врз тебе милувајќи те.
Одамна го сакав твоето тело од исончан седеф.
Јас верувам дури дека ти си кралица на вселената.
Ќе ти донесам радосни цвеќиња од планината, копиуе,
темни лешници и шумски кошници со бакнежи.

Би сакал да ти го направам тебе
она што пролетта го прави со црешите.


Пабло Неруда